log in

Интервју - Бизнис / Економија

Адаптирани за пребарувачите google.com; yahoo.com и сл.

Интервју со Ненад Шундовски - Јохана Инженеринг

Ненад Шундовски

1. Дали можете да ни раскажете за Вашите почетоци, и патот до позицијата која сега ја имате?
Генерално, моето образование не е тесно поврзано со секторот градежништво, но истото и тоа како ми било од полза на патот од основањето, менаџирањето на Јохана Инженериг, сѐ до создавањето на брендот “johanahome”.
Имено, јас сум Магистер по економски науки, специјалност Меѓународен бизнис и менаџмент,  Дипломиран економист по Меѓународни економски односи, а имам и завршено и Дипломатска академија при Министерството за надворешни работи на Македонија. Според ова последново, може да се заклучи дека сум работел и како дипломат, што впрочем е и моето прво работно искуство- 7 години бев дел од МНР како професионален дипломат, притоа имајќи и можности да ја претставувам нашата држава во Австралија и Руската Федерација, по што бев еден од ретките кои направи “трансфер” во приватен сектор.
Во реалниот сектор, во време од 5 години, како дел од менаџментот за продажба во еден од најголемите синџири на маркети во прехранбената индустрија, имав можност и огромна чест да стекнам нови знаења и вештини, да се соочам и да надминам голем број на предизвици, кои до ден денес ми претставуваат еден цврст фундамент на искуство во делот на успешното менаџирање на “Johanahome”.
Јохана Инженеринг е основана во многу специфичен (корона) период, кога во најголем дел бизнисот се соочуваше со низа тешкотии и за да објаснам како се градеше и растеше компанијата, ќе ми треба посебно интервју. Важно е да се знае дека овој “трансфер” од прехранбен во  градежен сектор започна прво со мое ангажирање како Менаџер на една градежна компанија, која што по 1 година ме испушти од работа како резултат на предизвиците со кои што се соочи во текот на короната и практично со Јохана Инженеринг бев принуден да се “спасувам” на некој начин- за што никако не жалам.

2. На што најмногу сте концентрирани во периодов и какви се Вашите планови  во блиска иднина?
    Како и секој успешен бизнисмен, насочен и фокусиран сум 100% на одржувањето и растот на Johanahome, обезбедување на работа, наплата, отворање на нови работни места, а главен приоритет во скора иднина ми е регистрација на компанија во Хрватска и интернационализација на брендот “Johanahome”, односно, легално отворање на нови можности за работа на еден поголем пазар, кој и тоа како има потреба од проширување на конкурентноста во делот на градежно-занаетчиски услуги, за кои нашата компанија од друга страна пак, е специјализирана.

3. Како би ја опишале важноста за типот и нивото на образование за да се биде успешен во приватниот бизнис.
Сметам дека образованието може, но и не мора да игра клучна улога во делот на успешноста на еден бизнис. Најважни се посветеноста, трудољубивоста, чесноста и поддршката од семејството и блиските во надминувањето на сите препреки со коишто неминовно е еден бизнис да се соочи по патот наречен “успех”.

4. Кoи се последните новитети и што како вредности нудите?ненад шундовски1
Како компанија вложуваме средства во следење на најновите трендови во градежништвото и тесно соработуваме со проектантски компании кои пак од друга страна ги следат трендовите во делот архитектура. На тој начин можам да кажам дека сме комплекти во услугата “адаптација и реновирање на станбен и деловен простор до клуч на рака”.
Еве на пример, пред нецел месец како акредитирани претставници, учествувавме на Саемот за Градежништво во Атина, каде воспоставивме нови контакти, се запознавме со најновите трендови во делот на материјалите кои што ќе се користат во иднина, така да можам слободно да констатирам дека сме во тек со сите новитети.
Околу понудата на вредности, нудиме само две, “чесност и квалитет” и истите се подеднакво достапни за секој потенцијален клиент во пелагонискиот регион, без разлика дали е за една соба или за цела зграда.

5. Кои беа најзначајните постигнувања за Вас изминатава година, што тоа ја одбележа 2024?
Не би можел да издвојам. Секој завршен проект, секој задоволен клиент, за нас е најзначајно постигнување и ја одбележува на свој начин секоја година, месец, седмица. Јас се радувам што ги имаме многу.

6. Што Ве научи Вашето досегашно искуство?
Уф... Во нашата држава е многу тешко истовремено да си чесен и успешен, а уште потешко е кога си чесен со нечесни луѓе и нечесно опкружување.
 Сепак, изразено со “градежен жаргон”, патот до успехот пооплочен со чесност е потежок, но траен и води до бескраен хоризонт, за разлика од патот до успехот тампониран со нечесност, кој е брз, но е слепа улица.

7. Како ја оценувате 2024 година и кои се вашите проекции за 2025 година?
Секоја година е посебна за себе и штом сѐуште постоиме е доволно да кажеме дека сме биле успешни. Како и секоја претходна, така и за секоја наредна, очекуваме да биде подобра. Ние секогаш се стремиме да бидеме подобри во нашите услуги.

8. Колку Македонија како држава се развива во бизнис сферата во однос на другите пазари?
За жал многу споро, со многу предизвици, а многу малку поддршка, особено за малите и средните бизниси кои се најважен сегмент во една нормална пазарна економија, каква што над 30 години се обидуваме да станеме.

9. Која е вашата порака до младите потенцијални менаџери во приватниот сектор? Кој е клучот на успехот?
Бидете храбри, одлучни и верувајте во себе. Не дозволувајте никој и со ништо да ве поколеба и премисли ако верувате дека можете да бидете успешни и ако напорно работите да постигнете успех! Секогаш бидете чесни! Вашата надеж да биде во Бог, а не во луѓето!

10. Дали имате порака до власта, до раководните лица на државата?
Само да пренесам големи очекувања дека конечно ќе имаме нормални услови, во кои ќе може чесно да се натпреваруваме со квалитет на услуги и заеднички ќе создадеме нормална пазарна економија и нормална држава, на нормални луѓе. Среќно!