log in

КОМПАНИИ ПО ДЕЈНОСТ

Археолошки музеј

логоархеолоски

 

Адреса: Кеј Димитар Влахов бб
Скопје, Македонија
Телефон:+389 2 3233 999
Е-маил: contact@amm.org.mk
Работно време:
Понеделник – петок 8.30 – 16.30
web    fbfb

      ОПИС                

Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија презентира движно културно наследство, поточно околу 7.000 археолошки предмети откривани со археолошки истражувања на целата територија на Р. Македонија во текот на изминатите 93 години и претставува најзначајна и најстара музејска установа во Македонија.
Посетителите може да уживаат во артефактите изложени во одделите за: праисториска археологија, античка археологија, средовековна археологија, нумизматика, антропологија и лапидариум.
Голем број од предметите кои се дел од оваа институција се ексклузивни во светски размери. Постоечките закони за култура и заштита на културно наследство го регистрираат најголемиот дел на овој фонд како културно наследство од особено значење.
Во 2015 год. Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија се пласираше меѓу 15 те најдобри музеи во Европа, освојувајќи го високото седмо место според Европската музејска академија.
Првата археолошка збирка е формирана во 1920 год. во рамките на Филозофскиот факултет во Скопје.
Во 1924 год. е организирана музејска институција, поточно, историско – археолошки музеј со лапидариум кој е сместен во Куршумли ан.
Во текот на Втората светска војна музејската институција, во Куршумли ан музејската институција егзистира како Народен музеј – Скопје.
Во овој период, поточно во 1945 год. функционира со три одделенија: археолошко, етнографско и средновековно.
Со реорганизација на музеите во ФНР Југославија, од Народниот музеј во Скопје се формира и Археолошкиот музеј како посебна институција од републички карактер.
Од 1945 – 1963 год. седиште на Археолошки музеј е старата зграда од касарната на Скопско Кале.
Во 1955 год. е отворена постојаната поставка на камени споменици – лапидариум, сместена во адаптирана коњушница на Куршумли ан.
Од 1963 – 1977 год. веднаш по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 год. Археолошкиот музеј е сместен во бараките на Куршумли ан. Во 1976 год. е пуштен во употреба новиот музејски комплекс во кој Археолошкиот музеј е сместен се’ до 2014 год.
Во 2012 год. е основан нов правен субјект, НУ Археолошки музеј на Македонија – Скопје, како нова матична установа од областа на археологијата.
После повеќе од три децении во 2014 год. Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија добива современ музејски простор во центарот на Скопје.
Во Археолошкиот Музеј на Македонија се наоѓа најстарата и најголемата специјализирана археолошка библиотека во Р.Македонија.
Фондот на библиотеката  брои преку 6.000 книги (со преку 20.000 стручни и научни трудови од домашни и странски автори). Меѓу бројните книги се и многу ретки изданија, објавувани од почетокот на 20 ти век, а најстарото од нив потекнува од 1881 година.
Библиотеката е достапна за сите читатели, не само за научниците, археолозите, стручните лица, туку и за сите љубители на книгата и на историјата на културното наследство и археологијата.
Благодарение на несебичниот придонес на музејските институции во Р. Македонија и странство, како и со лични донации од нашите колеги, Археолошкиот музеј ќе продолжи да биде јадрото на податоци за многу идни истражувања и генерации истражувачи.
Следејќи ги светските трендови во музејското работење, поконкретно, во едукативниот дел од истото, во склоп на НУ Археолошки музеј на Македонија – Скопје се формира археолошка едукативна работилница за деца од предучилишна и училишна возраст, со цел децата уште од најмала возраст да се запознаат со археологијата и културното наследство на Република Македонија. Оваа работилница претставува можност за најмладата популација да се здобие со знаења за богатото културно наследство преку низа активности. Во овие активности, освен предавања прилагодени на соодветната возраст, предвидени се и разни интерактивни содржини со кои децата ќе имаат можност своите впечатоци и здобиени знаења за археологијата, како и богатите археолошки артефакти од Република Македонија, креативно да ги изразуваат преку моделирање во глина, цртање или пишување есеи. На тој начин, преку игра одблизу би можеле да се запознаат со археологијата како една комплексна наука, нејзината суштина и задачи, како и можноста да го проследат патот на археолошките артефакти од длабочините на земјата до музејските витрини. За потребите на оваа работилница беше осмислен и преграден дел од изложбениот простор на НУ Археолошки музеј на Македонија, наменет за повремени изложби, со површина од 50м2. Истиот беше соодветно опремен со основните работи за негово непречено функционирање како: масички, столчиња, обложување на подот со линолеум. За задоволување на потребите на оваа работилница во однос на интерактивниот дел беа изработени: археолошка ситуација – симулација на археолошки локалитет во која децата ќе можат да ископуваат, изработка на археолошки профил каде децата ќе ги изучуваат периодите по хронолошки ред и воедно ќе имаат можност да се запознаат со најрепрезентативните артефакти од сите периоди чии комерцијални копии се вметнати во самиот профил, изработка на училишни табли како и набавување на голем број реквизити потребни за работата на оваа работилница.
Освен со деца (лица) кои се вклучени во редовната настава, оваа работилница организира и едукативни – креативни работилници за лицата со посебни потреби: аутистичен спектар, АДХД, телесна инвалидност, ментална попреченост, глуви и наглуви лица, како и лица со оштетен вид.
Лицата со посебни потреби се добредојдени во нашиот музеј, нашите вработени имаат познавање за специфичностите на овие лица и можат соодветно да одговорат на нивните потреби.
Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија ги отвора своите врати за кучиња придружници на лицата со попреченост.
Како општествено одговорна институција којa прва меѓу музеите во нашата држава ја донесува оваа одлука, апелираме дека институциите од областа на културата треба да бидат достапни секому и да придонесат за подигнување нa свеста и овозможување слободен пристап на кучињата придружници.
Археолошкиот музеј уште еднаш потсетува дека ги исполнува сите услови за непречен пристап на лица со телесна инвалидност и дека располага со лиценцирани водичи за лица со попреченост.

    ГАЛЕРИЈА           

 

Археолошки музеј

     МАПА