Адреса:бул.Гоце Делчев бб |
Центар за култура „Антон Панов“ — културна национална установа во Струмица.
НУЦК „Антон Панов“ – Струмица има за цел да го организира, консолидира и води целокупниот културен живот во Струмица, едукација на граѓаните, анимирање на нивната културна креативност, зачувувавање и негување на традиционалното културно наследство и творештво и создавање на културолошки чувствителна и образована публика.
Установата е основана во 2004 година со спојување на три претходно самостојни организации: Дом на културата, Уметничка галерија и Народен театар „Антон Панов“, согласно Законот за култура на Република Македонија. Седиште на установата е Домот на културата во Струмица, кој се наоѓа на градскиот плоштад „Гоце Делчев“.
Основањето на струмичкиот театар
На 1 мај 1949 година во Струмица е изведена драмата „Бегалка“ (од Васил Иљоски) во режија на Димитар Колчаков. На тој ден годишно се одбележува основањето на театарот. Подготовките за неговото основање започнуваат на крајот на 1948 година, кога локалната самоуправа во Струмица донесува одлука за формирање театар и дозвола за изградба на театарска зграда. Градски народен театар – Струмица е првиот професионален театар основан во Источна Македонија. Театарската зграда, денес позната како Стариот театар, е изградена на улицата „Боро Џони“ во централното градско подрачје, во близина на киното „Балкан“.
По првата изведба на „Бегалка“, на 25 мај струмичкиот театар ја изведува и „Сомнително лице“ (од Бранислав Нушиќ), повторно во режија на Колчаков. На 5 ноември, во режија на Коле Чашуле, во Струмица премиерно е изведена и претставата „Печалбари“ (од Антон Панов), која пак е најпосетуваната претстава во историјата на струмичкиот театар.