Адреса: Светозар Марковиќ 1 |
Општина Делчево — општина во Источна Македонија. Центар на општината е градот Делчево. Географската површина изнесува 423 км² и живеат околу 17.713 жители. Во Делчево се има 22 населени места и тоа: градот Делчево и селата: Бигла, Ветрен, Вирче, Вратиславци, Габрово (Делчевско), Град (Делчевско), Драмче, Ѕвегор, Илиово, Киселица, Косово Дабје, Нов Истевник, Очипала, Полето, Разловци, Селник, Стамер, Стар Истевник, Тработивиште, Турија и Чифлик (Делчевско). Градот го носи името на гордоста на македонскиот народ - Гоце Делчев. Во минатото општината била позната и под името „Царево Село“. Делчево, според едно предание во византиско време се викало Василево, што преведено од грчки значи Царево Село. За прв пат како населба Царево Село се споменува во една повелба на Цар Душан од 1347 до 1350 година. со неа тој му подарил повеќе места и ниви од Пијанец на манастирот од Лесново. Во турско време Делчево се викал и Султанија.
До 17 век населбата лежела на десната страна на реката Брегалница на денешниот топоним Селиште, поточно под ридот Острец близу до патот што води за Р.Бугарија. Од првите векови на турското владеење за положбата на Делчево нема многу податоци. Во средината на 17 век во неговата околина претстојувал султанот Мехмед IV. Во времето на неговата посета на Пијанец врз населението е извршено масовно потурчување. Поради зулумот и притисокот многу македонски населби опустеле, а меѓу нив и тогашното Царево Село. Се претпоставува дека во времето на тој султан населбата е преместена на денешното место на левата страна на реката Брегалница. Како доказ се наведува и градската џамија изградена во 17 век.
Но, на размислување упатува тоа што турскиот патеписец Евлија Челебија тука поминал само неколку години подоцна во 1670 год. и во својот Патепис запишал: “Од Виница се поткачивме на кочанската планинска рудина, движејќи се низ клисурата и по четири часа стасавме во Царево Село. Ова е муслиманско село расположено во полите на една планина и е украсено со околу 100 куќи и една ѓевѓирана со минаре чудесна џамија.
Треба да се спомене и народното предание кое вели дека населбата под ридот Острец се запустила кога владеела болеста чума и преживеаното население се населило на местото каде што денес е Делчево.
Како најстар дел на градот се смета турската колонија што се создала околу џамијата. Според Јаранов, се до 19 век Делчево било село, турска колонија, населена со чистокрвни Турци и голем дел потурчено население, наречено помаци кое не го знаело турскиот јазик. Само неколку фамилии биле македонски.
Кон средината на 19 век почнала да се развива чаршијата и да расте населбата, а воедно и да се зголемува македонското население. Откако се исполнил просторот во Средно маало, започнало ширењето преку Гочо Поток т.е. горно маало или денешен I реон. Во 1863 год. во Делчево имало 75, а во 1873 год. 109 македонски куќи.
Во 1856 година била завршена изградбата на црквата околу која главно било населено македонско население кое бегало од турските зулуми во околните села. Поголемо иселување на македонското нселение од овој крај имало во 1878 год. поради турскиот притисок по Руско-турската војна. Во тоа време имало поголемо населување на турско население од Бугарија, па дури и од Босна и Херцеговина. Околу 150 македонски домакинства од селата и градот се иселиле во Ќустендилско. Придојденото турско население, наречено “Маџирци” се населило во Маџирско маало, денешниот III реон на градот.
На левата страна покрај реката Брегалница, на тесниот рамен простор каде што биле мегданите и ановите, започнала градбат на трговските и занаетчиските дуќани покрај двете тесни улици. Со тоа конечно се формирала чаршијата и Делчево прераснало во градска населба.
За време на балканските војни голем број на турското население го напуштило градот, така што во 1914 година бројот на жители изнесувал 1701. По овие војни дошла нова македонска населеничка струја од околните села, а најмногу од пасивните села Бигла, Селник и Драмче кои ги купувале турските имоти.
Во 1931 год. бројот на населението се зголемило на 3746 жители. По оваа година доброволно продолжило иселувањето на турското население во Турција, особено во 1953 година. Во 1935 година започнале да се градат првите куќи на десната страна на реката Брегалница. По ослободувањето во 1950 година Царево Село е преименувано во Делчево. Во шеесетите години градчето се прошири на десната страна на река Брегалница, а во седумдесетите и на ридот Милково Брдо. Со порастот на вработените во работни организации во Делчево, растеше и бројот на населението во него. Денес Делчево е модерна градска населба со широки асфалтирани улици и булевари, канализациона мрежа и со паркови и зеленило.