Адреса: Каменичка бр.2 |
Општината Македонска Каменица се наоѓа во североисточниот дел на Република Македонија во подножјето на Осоговскиот масив. На исток граничи со општина Делчево, на југ со општина Виница на запад со општина Кочани а на север со општина Крива Паланка и државната граница со Република Бугарија. Зафаќа вкупна површина од 189 км2.
Географската положба на Македонска Каменица е добра, бидејќи преку неа поминува патот што ги поврзува источните со централните делови на републиката. Тука поминува трансверзалната патна линија што се одвојува кај Велес и преку Штип, Кочани и Македонска Каменица продолжува кон Делчево и преминот кај Македонско – Бугарската граница.
Според географската положба, климата во Македонска Каменица е особено пријатна со умерени температурни разлики и врнежи. Климата во повисокиот дел е изразито планинска и се одликува со долги и снежни зими и куси свежи лета. Македонска Каменица е со надморска височина од 520м. Средна годишна температура од 11 степени Целзиусови. Во Македонска Каменица и околината ретко се задржуваат снежните покривки. Најтопли се летните денови, посебно август, а најстудени се во јануари. Пролетта е постудена од есента. Врнежите се нерамномерни.
Општината е составена од 9 населени места од кои 8 се рурални и тоа: Тодоровци, Луковица, Костин Дол, Косевица, Моштица, Дулица, Саса и Цера и градот Македонска Каменица како општински центар.
Според пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија во Септември 2021 година, Општина Македонска Каменица брои 6.439 жители. На територијата на Општината се заведени 2.649 домаќинства односно 3.141 станови.
Географски карактеристики на теренот на општината.