![]() |
Адреса: ул. Радика бр.9 (барака 1 и барака 2) Скопје, Македонија Телефон: +389 2 3055 901; +389 2 3055 902 Е-маил: kontakt@karpos.gov.mk web: www.karpos.gov.mk facebook:https://www.facebook.com/OpstinaKarpos?fref=ts instagram: https://www.instagram.com/opstinakarpos/ |
Општината Карпош е формирана на 3 ноември 1976 година со Законот за формирање на општини на Град Скопје и за утврдување на нивните подрачја (“Службен весник на СРМ” бр.8/76).
Најголемиот дел од подрачјето на кое е формирана општината го носело името Карпош кое е заедничко име (прекар) на две значајни личности од историјата на македонскиот народ:
Карпош – војвода, кој во 1689 година бил водач на селското востание од Кривопаланечкиот и Кумановскиот крај и се борел против турските феудалци – паши (Карпошево востание). Востанието било задушено, а Карпош бил заробен, набиен на колец, избоден со копја, по што од Камениот мост во Скопје Турците го фрлиле во реката Вардар.
За да не се заборави името на Карпош тоа име го земал Христијан Тодоровски – народен херој на Македонија од НОБ и легендарен партизански командант во североисточна Македонија. Тој храбро загинал на 7 февруари 1944 година, во борба против фашистичката полиција во селото Билјача.
По кажување на еминентни македонски историчари името на Општината Карпош не може да се поврзе само со една од овие две значајни историски личности, со оглед на тоа дека самото име Карпош асоцира на монолитност и истрајност на македонскиот народ за сопствена држава и сопствен национален идентитет.
Природни ресурси
Реки: Низ територијата на општина Карпош тече реката Вардар која е најголема река на територија на Република Македонија (вкупна должина 388 км.). Низ Карпош исто така тече и реката Лепенец.
Планини: Планината Водно е сместена во јужниот дел на Скопската котлина. Водно има поволна географска положба, бидејќи во негова близина се наоѓаат важни патишта, железници и најпосетуваната локација во Македонија – Град Скопје. Највисоката точка на Водно е врвот Крстовар, 1066 m.
Општината Карпош претставува составен дел од Градот Скопје, т.е. е една од десетте скопски општини.
Општина Карпош е поделена на 14 единици т.н. месни заедници, од кои 12 се урбани единици,
а само две (Бардовци и Горно Нерези) се рурални единици.
Површина: 35 km2
Надморска височина: 362 m
Население: мешовито, од кои 88,52% се Mакедонци
Местоположба: северозападен дел од Македонија, централнозападен дел на Град Скопје
Вкупна површина под шума: 235,12 ha
Клима: средна годишна температура 13,8 оC
Просечни годишни врнежи: 441,2 l/m2
Денови со појава на дожд: 102
Денови со појава на снег: 9
Денови со магла: 14
Популација: 60.725 жители ( проценка од 31.12.2016)